Училиштето за основно музичко образование ,,Панче Пешев’’ – Куманово било формирано во 1946 година по предлог на Министерството за просвета на Македонија – Скопје и министерот за просвета Никола Минчев.
За прв учител во Куманово (со Заповед бр.299 од 28.05.1946 година) бил назначен Ѓорѓи Ивановки, музичар – раководител на Музичкиот дом (од министерот за просвета Никола Минчев).
Ѓорѓи Ивановски бил и првиот директор на Училиштето за основно музичко образование ,,Панче Пешев’’ – Куманово, познат музичар од пред војната, во периодот на кралството Југославија (СХС) и свирел на дувачки инструменти.
На оваа музичко-образовна институција, ви смисла на традиција на постоење на организирано музичко школство, и предходи Музичкиот дом, кој во 1945 година бил основан од народната власт.
Музичкиот дом создал пионерски дувачки оркестар, прв и единствен од таков вид во Република Македонија , под раководство на музичарот Ѓорѓи Ивановски – раководител на Домот. Коренот на оваа институција води токму кон пионерскиот дувачки оркестар, кој интензивно работел и за кратко време постиглан извонредни резултати, приредувајќи многу јавни концерти. Поради тие успеси, а според Решението од Министерството за просвета, од Домот било формирано Училиштето за основно музичко ,,Панче Пешев’’ – Куманово, коешто го финансирал Градскиот народен одбор.
Со воспитно – образовната работа, Училиштето започнало на 01.01.1947 година. Веднаш биле запишани 90 ученици, распоредени во 3 паралелки.
Во училиштето биле застапени наставните предмети: солфеж, теорија на музика, виолина, пијано и дрвено – лимени дувачки инструменти.
Во овој период Училиштето работело во приватна, национализирана зграда во центарот на градот, а во 1955/56 година Училиштето се преселило во друга зграда во центарот на градот (,,Циганско сокаче’’), на улицата ,,Тане Георгиевски’’, во поранешната зграда на Женското училиште. По потреба, во учебната 1964/65 година Училиштето се преселило во Центарот за економика и домачинство ,,Магдалена Антова’’ на улицата ,,Братство – Eдинство’’ (kаде што и денес Училиштето се наоѓа).
Во 2012 год. и во 2018 год. од страна на државен просветен инспекторат при извршена интегрална евалуација УОМО “Панче Пешев” Куманово е оценето со највисока оценка.
Панче Пешев
Панче Пешев (15 јули 1915 Велес ― 5 јуни 1944 Кушкулија, Струмичко) — македонски композитор, музичар, македонски партизан, револуционер, комунист, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ.
Панче Пешев е роден во Велес. На петгодишна возраст, неговото семејство се преселува во Куманово. Таму ги поминал детството и школувањето. Таму завршил основно училиште и гимназија. Уште како ученик ја започнува револуционерната и музичката активност. Учи виолина во Музичкото училиште „Стеван Мокрањац“ во Скопје, кај Трајко Прокопиев, како и теориски предмети во Музичкото училиште „Станковиќ“ во Белград. Часови по музика зема приватно кај Петар Славенски и Јуриј Арбатски. Учествувајќи во работничките аматерски оркестри и хорски друштва, се пројавува и како диригент на некои од тие колективи. Диригира и со хорот и оркестарот на Друштвото „Абрашевиќ“ во Куманово (1935-1936). По повод избувнувањето на Шпанската граѓанска војна, ја компонира масовната песна „Класје зелено“ на сопствен текст, повикувајќи ја младината во борба против фашизмот.
Во 1931 година станува член на СКОЈ, а во 1935 година станува член на КПЈ и е избран за секретар на Месниот комитет на СКОЈ во Куманово. Членува и во УРС-овите синдикати. Во 1936 година станува член на Месниот комитет на КПЈ за Куманово.
Поради својата политичка дејност двапати е апсен во Кралството Југославија: првиот пат во јануари 1936 година, кога е казнет со казна затвор од 20 дена и вториот пат во април 1937 година кога е осуден на две и пол години затвор. Од затвор излегува во ноември 1938 година. Кон крајот на 1939 година повторно станува член на МК КПЈ. Во јануари 1941 година е интерниран во логорот Меѓуречје кај Ивањица. Додека бил во логорот, тој основал хор во затворот, кадешто биле пеени масовните и народните песни: Старци белобрадци, Млада овчарка, Помниш ли либе Галабо, Борјано, Борјанке и други.

в.д Директор. Сандра Зојчевска
Сандра Зојчевска, родена 1976 Куманово каде го започнува своето основно музичко образование а продолжува во Скопје на Факултетот за музичка уметност каде стекнува со звање магистар по музички науки под ментерство на проф. др. Викторија Коларовска-Гмирја.
Од 2020 година е вработена во УОМО Панче Пешев – Куманово како наставник по солфеж со елементарна теорија на музика и пијано. За време на својот долгогодишен педагошки стаж се има стекнато со многубројни државни и меѓународни награди со учениците од својата класа и професионален развој со учество на стручни обуки и образовни семинари во земјата и странство за што во 2016 година добива врвна награда за долгогодишно остварување во областа на музичка и балетска педагогија од страна на музички и балетски педагози на Р. Македонија.

Поранешен Директор. Светлана Трајковска
Родена на 17.09.1956 во Куманово. Вработена во УОМО “Панче Пешев” Куманово. од 01.01.1983 како проф. по хармоника. Завршено основно музичко образование во Куманово, средно музичко образование во Београд и факултет за музичка уметност во Београд, оддел општа музичка педагогија.
Директор во УОМО Панче Пешев од 1995 год. до 2001 год;
од 2004 год. до 2012 год и 2016 до 2021 година.